дома Култура Македонско-австралиски анимиран филм „Карантин 2020“

Македонско-австралиски анимиран филм „Карантин 2020“

68
0
АКЦИЈА

Огромен број од светската популација изминативе недели поради корона вирусот радикално го промени секојдневниот живот, а секоја индивидуа на свој начин се соочи со изолацијата. Работејќи надвор од традиционалниот канцелариски простор, македонско-австралиското 3-Block Studio го изработи Quarantine, краток анимиран филм за глобалниот карантин поради пандемијата.

– Иако сме навикнати на работа надвор од канцеларија, целата ситуација малку ни ги изремети студиските ангажмани, но за среќа, денес сè што е потребно за ваков начин на работа е компјутер, интернет, добра екипа и малку креативност. Сепак, како и кај повеќето, така и нас, ни се појавија неочекувани промени во ритамот, па ни се отвори простор за експериментирање на наши проекти и оттаму се роди идејата за приказната – вели Михаил Наумов.

3-Block Studiо работи за aвстралискиот и балканскиот пазар и е најактивна во полето на 3D и 2D анимацијата, изработка на визуелни ефекти, како и осмислување и создавање анимирани ликови – карактер анимација.

– Од креативна страна се обидовме да доловиме како секој од нас би се справил со ваков застој на секојдневиот ритам во кој живееме, а од техничка страна пробавме да претставиме традиционална техника на анимирање, како Stop Motion, (која се работи практично, со физички кукли и фотоапарти), преку дигиталните алатки и 3D анимацијата. Беа користени доста стандардни софтвери за ваков вид на работа. Главно Autodesk Maya и Adobe After Effects, како и неколку дополнителни софтвери – истакнуваат од студиото.

извор: motika.mk