дома Колумна Човекот Игор Дурловски

Човекот Игор Дурловски

26
0
АКЦИЈА

   Го гледам денес видеото, како Игор Дурловски, носител во 5 та изборна единица, се збунува и не може да го продлжи интервјуто одговарајќи за некој автопат што треба да се гради, од Битола до… не знам каде.

   Го гледам видеото и си размислувам, па добро бе Игоре, тоа ти е како кога ќе фрлиш камче во вода и тоа ќе направи концентрациони кругови, да баш така, КОНЦЕТРАЦИОНИ кругови, така барем кажа лидерот на владеачката партија, Зоран Заев. Истиот оној Заев што на 75 годишнината од холокаустот, изјави дека холокаустот не е само еврејска традиција, замислете ТРАДИЦИЈА. Впрочем Игоре, прости, но не е исто, ова второт е нешто друго.

Повторно го враќам видеото со збунката на Игор и повторно ми се навраќа веста од пред неколку месеци, како истиот лидер на истата партија, односно Зоран Заев, го пречека австрискиот канцелар во Скопје и наместо знамето на Австрија, тој го постави латвиското знаме. Видеото заврши, а јас пак не го догледав.

   И повторно го враќам видеото со Игор Дурловски, со надеж дека овој пат ќе го изгледам до крај, но повторно ми доаѓа една не така далечна случка, а тоа е фотографијата од уште една наша “искусна” политичарка, Радмила Шеќеринска, сликана на денот на носачот на авиони “Хари Труман”, со статус на социјалните мрежи како е горда што на опашката на авионот од фотографијата стои македонското знаме, кое всушност е симболот на сојузната држава Аризона, а не нашето знаме.

Видеото со Игор заврши, а јас пак не го изгледав целото.

Го враќам назад и пак почнувам да го гледам кога ми дојде пак едно сеќавање со Радмила Шеќеринска и како го беше седнала на една свеченост амбасадорот на Франција под холандското знаме. Повторно не го догледав видеото со Игор.

Го вратив повторно и овој пат го изгледав. Човекот,Игор Дурловски, видно изморен и возбуден, неискусен во овие води, а во очите му се гледа жар и желба за промена кон подобро, но и помалку умор, сепак повеќе решителност. Читам коментари од некои, како не го бивало, неискусен бил, не си ја знаел државата и си велам, во право се. Еве овие другите што владеат со нас изминативе дваесет и кусур години, искусни за крадење, уништување и лажење, менување историја и име, прикривање убиства и рекети, е тие се искусни, можеби и навистина такви ни требаат, можеби и навистина не го заслужуваме Игор Дурловкси, онаков чист и помалку искусен,  со маленкост да умее да се извини толку усрамено за еден обичен лапсус, како тој да го променил името на Македонија, како тој да прикрил милијарди, како тој да прикрил еден куп убиства. Дефинитивно не го заслужуваме, но можеби ќе се освестиме, а до тогаш се надевам дека тој нема да се откаже.